Британската амбасада во Косово изјави дека предложените измени во Законот за специјалните мерки нема да им служат на основните интереси на Косово и ќе ги оштетат неговите односи со меѓународните партнери.
Во одговор објавен на нивната официјална Фејсбук страница, Амбасадата напиша дека целите на Косово најдобро можат да се постигнат со тоа што ќе се обезбеди почитување на своите меѓународни обврски, како и на посветеноста кон одговорност, правда и владеење на правото.
Велика Британија го охрабри Собранието да одвои потребно време за понатамошни консултации, како на домашен план, така и со ЕУ и меѓународните сојузници.
„Целосно ги зедовме предвид бројните реакции и незадоволства во врска со неодамнешните пресуди. Веруваме дека целите на Косово најдобро можат да се постигнат со обезбедување дека ќе продолжи да ги почитува своите меѓународни обврски, како и својата посветеност на одговорност, правда и владеење на правото. Го охрабруваме Собранието да одвои потребно време за понатамошни консултации, како внатрешно, така и со Европската Унија и другите меѓународни сојузници, со цел да се најде подобро решение“, се вели во соопштението.