Турција и Грција стигнаа до најжешката точка на конфликтот во источниот Медитеран, бидејќи повиците за дијалог паднаа на глуви уши. Турскиот истражувачки брод Оруц Реис, придружуван од 5 воени пловни објекти, започна со истражување на гас и нафта во спорната поморска област меѓу Грција и Кипар.
Турските власти изјавија дека активностите во близина на островот Кастелоризо ќе продолжат, врз основа на договорот за поморската граница меѓу Турција и Либија, за кој Атина вели дека е неважечки. Грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас побара итен состанок на Советот за надворешни работи на Европската унија и ја повика Анкара да се повлече.
„По средбата со премиерот Киријакос Мицотакис, побарав вонреден повик на Советот на министри за надворешни работи на ЕУ, поради зголемената провокација од Турција. Барањето доаѓа во време кога постои јасна турска закана за мирот и безбедноста во источниот Медитеран, Грција и Кипар. И покрај посветеноста на нашата земја за дијалог заснован на правилата на меѓународното право и правото на морето, Турција докажува дека сака војна и инсистира на својата политика на делење и наметнување. Но, ние нема да го дозволиме ова, ќе ги браниме нашите суверени права“.
Грчки воени бродови се испратени во областа и ги следат активностите на турскиот брод додека војската е во подготвеност. Според извештаите, имало и 45 повреди на грчкиот национален воздушен простор над Егејското Море од страна на турските воздухопловни сили.
Грција и Турција трипати беа на работ на војна од средината на 1970-тите/Визион Плус.