САД ја забележаа четвртата победа во исто толку одиграни натпревари на Светското првенство во кошарка. Во понеделникот во Манила, Филипини, САД ја започна втората фаза со победа против Црна Гора која ја совлада со бројките 85:73.
Подобри беа Американците, иако ја загубија втората четвртина со 20:18, но победата ја остварија по триумфот во останатите три четвртини. Ентони Едвардс на оваа средба се покажа како важен за Американците, кој беше најефикасен играч со 17 постигнати поени.
Остин Ривс постигна 12 поени, додека Јарен Јаксон додаде 11 за победата над Црна Гора. Во Црна Гора само двајца кошаркари го завршија натпреварот со двоцифрен број на поени. Никола Вучевиќ беше најистакнат со 18 поени, а го следеше Кендрик Пери со 14.
Победа во втората фаза забележа и Германија која убедливо триумфираше над Грузија со резултат 100:73. Маодо Ло со 18 поени беше најефикасен кај Германија, додека кај Грузија се истакна Александар Мамукелашвили со 19 поени.
Во меѓувреме, Италија ја совлада Србија со тесен резултат од 78:76. Симоне Фонтекио ја предводеше Италија до втората победа на Светското првенство со 30 поени, 7 скока и 3 асистенции. Кај Србија Огњен Добриќ имаше 15 поени.