Претставникот на САД се пласираше во полуфиналето на Светското првенство во кошарка. Американците се пласираа во полуфиналето, откако во четвртфиналниот меч убедливо триумфираа над Италија. На дуелот одигран во вторникот во Манила, Филипини, САД триумфираа со длабоки 100:63.
За САД ова е петта победа во шест одиграни натпревари на овој турнир, а во полуфиналето ќе се соочат со победникот од другото четвртфинале меѓу Германија и Летонија што се игра во среда. Против Италија, САД беа супериорни од стартот на натпреварот.
Првите две четвртини ги доби со водство од најмалку 10 поени, додека големиот пробив го направи во третата четвртина која заврши со бројките 37:20.
Италија ја доби последната четвртина со 19:17, но тоа не беше доволно за да се избегне длабок пораз од Американците. Кај САД најефикасен беше Микал Бриџис со 24 поени и 7 скока, а со добра партија се истакна и Тајрис Халибартон кој имаше 18 поени, 4 скока и 5 асистенции. Кај Италија и на овој меч најистакнат беше Симоне Фонтекио кој постигна 18 поени и 5 скока. Во вторникот во полуфиналето на Мундијалот се пласираше и Србија која ја совлада Литванија со резултат 87:68. Полуфиналните натпревари на Светското првенство ќе се одиграат во петок, исто така во Манила, Филипини.