Играчот од средниот ред Дижон Камери се приклучи на првиот тим на Салцбург и потпиша договор до летото 2026 година, објави во вторникот австрискиот клуб. 18-годишниот Камери минатата сезона беше дел од ФК Лиферинг, вториот тим на Салцбург, а од сезоната 2022/23 ќе биде во првиот тим.
Всушност, Камери се разви како фудбалер во академијата на Салцбург и се смета за еден од најперспективните играчи на клубот.
Со дресот на ФК Лиферинг имаше еден гол и четири асистенции на 22 настапи во втората лига на Австрија, а беше дел и од тимот на Салцбург кој се појави во младинската лига на УЕФА каде стигна до финалето на ова натпреварување. Камери има и четири настапи и два постигнати гола со австриската репрезентација до 18 години.