Аргентинскиот напаѓач Пауло Дибала може да го напушти Јувентус на крајот на сезоната, доколку не го продолжи договорот со шампионскиот клуб на Италија, пишува „Тутоспорт“.
Договорот на Дибала со Јувентус истекува во летото 2022. Јувентус наскоро ќе испрати нова понуда до Дибала. Минатото лето Јувентус му понуди на Дибала нов договор со плата од десет милиони евра годишно, но тој го одби. Се очекува Јувентус на новата понуда да додаде бонус од два милиони евра, со што ќе стане втор најплатен фудбалер по Кристијано Роналдо.
Дибала дојде во Јувентус од Палермо во 2015 година за 40 милиони евра. За гигантот од Серија А има постигнато 97 гола на 240 настапи.