Зошто протестното движење е поопасно за српскиот претседател Александар Вучиќ од претходните протести и каква улога игра Западот во политичката криза - објаснувања на историчарот и член на Австриската академија на науките Оливер Јенс Шмит.
Во интервју објавено на веб-страницата на Австриската академија на науките, професорот по историја од Универзитетот во Виена, Оливер Јенс Шмит, опширно зборува за протестите во Србија, кои избувнаа на почетокот на ноември откако се урна дел од покривот на железничката станица во Нови Сад и загинаа 15 луѓе. На прашањето како овие сегашни протести во Србија се разликуваат од претходните демонстрации во земјата, Оливер Јенс Шмит одговори: „Во минатото, српската влада можеше да го потисне секој бунт преку отстапки, заплашувања, закани и, пред сè, преку голем притисок врз водачите на секој митинг. Сегашните протести се различни: тие обединуваат различни општествени групи, главно студенти. И: ова движење нема лидери кои може да бидат нападнати или етикетирани од режимот. Она што е особено опасно за владата е што протестите не се ограничени само на големите градови како Белград или Нови Сад, туку се шират низ целата земја.
За причините поради кои студентите станаа главна сила на протестите, Шмит има вакво објаснување: „Од оваа ситуација особено страдаат младите. Земјата е под целосна контрола на владејачката партија. Нема животна перспектива надвор од моќниот апарат на Александар Вучиќ. Во Србија, малку луѓе успеваат да обезбедат добра работа, освен ако не се поврзани на некој начин со политичкиот систем. Овие зависности не само што се нефункционални, туку и корумпирани. Студентите го гледаат ова критички и се чувствуваат изолирани. Многу од нив дури и ја напуштаат земјата. Сепак, оние кои излегуваат на улица се борат за подобар живот во својата земја. Страшната несреќа (во Нови Сад) е симбол на се што не функционира во оваа земја.
Професорот Шмит го критикуваше Западот дека го поддржува режимот на Вучиќ. Според него, Западот долго време го поддржува овој систем: „Вучиќ немаше да биде на власт доколку ја немаше поддршката од поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, а сега и од Олаф Шолц како столб на стабилноста. Дури и договорот за литиум, кој Србија го потпиша со ЕУ, го поддржува претседателот. Вучиќ, поранешниот министер за пропаганда на Слободан Милошевиќ, е продавач на омраза кој никогаш не отстапил од својот националистички курс. Фактот дека шпионскиот софтвер доаѓа од западните земји, вклучувајќи ја и Швајцарија, е уште еден скандал. Демонстрантите кои сега излегуваат на улиците не уживаат ни најмала поддршка од Западот. Ова е срамно“.
Во врска со улогата на Русија, Шмит додаде: „Русија го поддржува Вучиќ, но тој добива поддршка и од други странски актери, вклучувајќи ги ЕУ и САД. За демонстрантите ова е тешка ситуација, бидејќи во голема мера се оставени сами на себе. ЕУ, која е поблиска географски и политички, покажува мал интерес за политичката ситуација. Ова го покренува прашањето што ЕУ сака да види во Србија - освен снабдувач на суровини, кој го држи под контрола авторитарен владетел. Недостигот на јасна стратегија и поддршка е разочарувачки, а згора на тоа циничен и краткорочен“.