Вербална војна избувна меѓу Србија и Црна Гора, откако српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека нема да учествува на прославите за 20-годишнината од независноста на Црна Гора, велејќи дека не сака да слави „одвојување од Србија“.
Вучиќ изјави дека учеството на таков настан би било „како плукање во сопственото лице“, што предизвика итна реакција од црногорското Министерство за надворешни работи.
Поддржете го ВРЕМЕЗачувај ја вистината.
Професионалното новинарство е во јавен интерес. Вашата поддршка му помага да остане независно и кредибилно. Придонесете и вие. 1 евро прави разлика.
Писмо до читателот — Зошто бараме ваша поддршка ПридонесетеВо својата реакција, црногорската дипломатија соопшти дека реториката на Вучиќ не придонесува за добрососедски односи и меѓусебно почитување.
„Црна Гора не се отцепи од Србија, ниту пак некогаш била дел од Србија на начинот на кој Вучиќ се обидува да ја претстави“, се наведува во реакцијата, пренесува „Јутарњи“.
Црногорските власти нагласија дека Србија и Црна Гора се рамноправни делови од државната заедница создадена по распадот на поранешна Југославија, додека независноста на Црна Гора, исто така, овозможи правен континуитет на Србија како независна држава.
„Неприфатливо е и политички неодговорно годишнината од независноста на Црна Гора да се претставува како чин против Србија или српскиот народ“, изјави црногорското Министерство за надворешни работи.
Според официјална Подгорица, Црна Гора не ја слави независноста против никого, туку како израз на слободната волја на нејзините граѓани и демократското право да одлучува за сопствената иднина.
По ова, реагираше и српското Министерство за надворешни работи, велејќи дека Белград не може да молчи пред напорите за „релативизација на историската вистина“.
Српската дипломатија нагласи дека Вучиќ не кажал „ниту еден лош збор“ за Црна Гора и дека само го изразил своето лично мислење дека не сака да го слави разделувањето на „две братски држави“.
Во друг одговор, Црна Гора изјави дека не ја слави „загубата на никого“ ниту „одвојувањето од Србија“, туку слободата и правото на двете држави самостојно да одлучуваат за својата иднина.
На 21 мај, Црна Гора ќе ја одбележи 20-годишнината од обновувањето на независноста. Црногорската влада организираше низа свечени активности, кои ќе кулминираат со официјален прием за премиерот Милојко Спајиќ во Подгорица и концерт на светската ѕвезда Рики Мартин.
Црна Гора ја врати својата независност на 21 мај 2006 година, по референдум на кој 55.5 проценти од граѓаните гласаа за отцепување од државната заедница со Србија, додека 44.5 проценти беа против.