Истражувачите откриваат разлики во микробиомот на луѓето со аутизам. Се зголемуваат надежите за побрза дијагноза
Научниците ги зголемија надежите за побрз и поевтин тест за аутизам откако открија разлики помеѓу цревниот микробиом на луѓето со и без аутизам.
Студијата сугерира дека рутинската анализа на измет може да им помогне на лекарите побрзо да го пронајдат аутизмот, што значи дека луѓето би можеле да добијат дијагноза многу побрзо од долгите процедури кои моментално се користат во клиниките.
„Обично потребни се 3 до 4 години за да се потврди аутизмот, при што повеќето деца се дијагностицираат на возраст од 6 години. Биомаркерите на нашиот микробиом се поактивни кај децата на возраст под 4 години, што може да помогне во раната дијагноза“, вели професорот Чи Су од Универзитетот во Хонг Конг.
Су и нејзините колеги анализирале примероци од столицата земени од 1627 деца на возраст меѓу 1 и 13 години, од кои некои имале аутизам. Тие ги анализираа примероците за да видат кои бактерии се присутни и го направија истото за вирусите, габите и другите микроби наречени „археи“.
Пишувајќи во студијата објавена во Nature Microbiology, истражувачите објаснија како микробите во цревата се разликуваат помеѓу децата со и без аутизам. Од 51 тип на бактерии, 18 вируси, 14 археи, 7 габи, како и десетици метаболички патишта се разликуваат кај аутистичните деца.
Преку употребата на вештачка интелигенција (ВИ), научниците успеаја да идентификуваат аутистични деца со 82 проценти точност, врз основа на 31 микроб и биолошки функции во дигестивниот систем.
„Иако генетските фактори играат важна улога во аутизмот, цревниот микробиом може да делува како придонесувач за оваа состојба преку создавање имунитет, производство на невротрансмитери и метаболички патишта. „Ова не мора да значи причинска поврзаност, но сугерира дека микробиомот може да влијае на сериозноста на аутизмот или изразувањето на симптомите од спектарот на аутизмот“, рече Су.
Тимот сега истражува дали децата на возраст од една година би можеле да бидат дијагностицирани преку примероци од фекалии.
Доктор Доминик Фарси, од колеџот „Кинг“ во Лондон рече дека овие наоди се многу значајни додека треба да се направат други студии за да бидат потврдени.
Д-р Елизабет Лунд, независен консултант за гастроинтестинално здравје, рече дека идејата за анализа на измет со цел дијагностицирање на аутизам е многу ветувачка бидејќи постоечките методи се премногу долги.
Во последниве години стапката на аутизам се зголеми главно поради поголемата свест и проширувањето на критериумите што се користат за дијагноза.
Во Британија и западните земји, се верува дека околу еден од 100 луѓе се на аутистичен спектар.
Студиите за близнаци сугерираат дека 60-90 проценти од аутизмот е резултат на генетско нарушување, но и други фактори придонесуваат, како што се постарата возраст на родителите, компликации при раѓање, изложеност на загаден воздух и некои пестициди за време на бременоста.
Научниците одамна знаат дека луѓето со аутизам имаат помалку варијанти на цревни бактерии, но дали тоа е поради аутизмот или дали аутизмот само придонесува за тоа е прашање за понатамошна дискусија.