Американскиот претседател Доналд Трамп прослави 100 дена од својот втор мандат со говор во стилот на кампањата, во кој ги фалеше своите достигнувања и ги критикуваше политичките непријатели.
Поздравувајќи ја она што го нарече „револуција на здравиот разум“, тој им рече на големата толпа поддржувачи во Мичиген дека го користи своето претседателствување за да донесе „длабоки промени“, објави Би-Би-Си.
Републиканецот му се потсмеваше на својот демократски претходник, Џо Бајден, додека ги отфрлаше анкетите што покажуваат дека неговата популарност опаѓа.
Тој наведе драматичен пад на бројот на имигранти кои нелегално влегуваат во САД во првите 100 дена од неговиот мандат.
„Тукушто почнавме, сè уште не сте виделе ништо“, им рече Трамп на насобраните во вторникот во предградие на Детроит.
На својот митинг, Трамп исто така рече дека анкетите на јавното мислење што покажуваат дека неговата популарност опаднала се „лажни“.
Според „Галуп“, Трамп е единствениот претседател по Втората светска војна кој има помалку од половина од поддршката на јавноста по 100 дена на функцијата, со рејтинг од 44%.
Но, повеќето републикански гласачи сè уште цврсто го поддржуваат претседателот.