Скопје, 31 јануари - НАТО ќе испрати покана до Македонија за членство во Атлантската алијанса по договорената одлука за спорот за името, изјави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг за српскиот весник „Политика“, пренесува АТШ.
Тој се фокусираше на посетата на Скопје и на аспирациите за членство во НАТО, откако говореше за безбедносната состојба во светот и на Балканот.
„Алијансата останува посветена на поддршката на Македонија на нејзиниот пат кон членство во НАТО и посакуваме земјата да успее во оваа насока“, нагласи тој, додавајќи дека постои позитивен импулс за прашањето за името.
„Среќен сум што го посетив Скопје овој месец. Остануваме посветени на поддршката на земјата на патот кон членство во НАТО и посакуваме да успее во оваа насока“, нагласи тој.
„Сојузниците се согласија НАТО да испрати покана за членство во Алијансата по заеднички договореното решение за прашањето за името во рамките на Обединетите нации. Уште пред извесно време видовме позитивен импулс за прашањето за името“, подвлече Столтенберг.
Столтенберг истакна дека посветеноста на Владата за реформи е важна и за НАТО.
„За време на мојата посета ја охрабрив Владата да продолжи со спроведувањето на реформите кои ќе го зајакнат владеењето на правото и демократските институции. Ги охрабрив и сите политички партии и другите вклучени страни во земјата да продолжат со отворениот и конструктивен дијалог“, нагласи Столтенберг.
исто така
Столтенберг вели дека вратата на НАТО е отворена за Македонија
Во однос на безбедносната состојба на Западен Балкан, генералниот секретар на НАТО заклучи дека ова е регион од стратешко значење за Алијансата.
„Остануваме целосно ангажирани бидејќи ова помага да се промовира стабилноста во регионот. Иднината на регионот ја гледаме во евроатлантската соработка и интеграцијата на оние кои го сакаат тоа. Секој народ има право да одлучува за својата иднина и да избира политички и безбедносни мерки. Ова е главниот принцип на европската безбедност, тоа е принципот што и Русија го потпиша и мора да го почитува“, подвлече Столтенберг.
Според Столтенберг, НАТО е посветен на зајакнување на партнерството со Србија, целосно почитувајќи ја нејзината политика на неутралност.