Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп размислува за проширување на забраната за патување со потенцијално забранување на влез во САД на граѓани од уште 36 земји, според интерен допис од Стејт департментот до кој дошла Ројтерс.
Порано овој месец, републиканскиот претседател потпиша проглас со кој се забранува влез за граѓани од 12 земји, велејќи дека акцијата е неопходна за заштита на САД од „странски терористи“ и други закани по националната безбедност.
Директивата беше дел од мерките против имиграцијата што Трамп ги започна оваа година на почетокот на неговиот втор мандат, што вклучуваше депортација во Ел Салвадор на стотици Венецуелци осомничени за членови на банди, како и напори за одбивање на упис на некои странски студенти од американските универзитети и депортирање на други.
Во интерен дипломатски допис потпишан од американскиот државен секретар Марко Рубио, Стејт департментот изнесе десетици загрижености во врска со дотичните земји и побара корективни мерки.
„Министерството идентификуваше 36 земји кои се предмет на загриженост и на кои може да им се препорача целосна или делумна суспензија на влез доколку не ги исполнат утврдените стандарди и барања во рок од 60 дена“, се вели во телеграмата испратена за време на викендот.
Телеграмата првпат беше објавена од „Вашингтон пост“.
Земјите кои би можеле да се соочат со целосна или делумна забрана доколку не ги решат овие проблеми во следните 60 дена се: Ангола, Антигва и Барбуда, Бенин, Бутан, Буркина Фасо, Зелен ’Рт, Камбоџа, Камерун, Брегот на Слоновата Коска, Демократска Република Конго, Џибути, Доминика, Етиопија, Египет, Габон, Гамбија, Гана, Киргистан, Либерија, Малави, Мавританија, Нигер, Нигерија, Свети Китс и Невис, Света Луција, Сао Томе и Принсипе, Сенегал, Јужен Судан, Сирија, Танзанија, Тонга, Тувалу, Уганда, Вануату, Замбија и Зимбабве.