Русија употреби балистичка ракета со нуклеарна моќ, „Орешник“, во масовен воздушен напад врз Украина во текот на ноќта. Во Киев, четири лица беа убиени, а 25 други повредени во четвртокот навечер, додека моќни експлозии се слушаа неколку часа, објави Би-Би-Си.
Ова е само втор пат Москва да ја користи ракетата „Орешник“. Првпат беше употребена во ноември 2024 година, кога беше погоден централниот град Днепар.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека нападот е одговор на украинскиот напад со беспилотни летала врз резиденцијата на претседателот Владимир Путин кон крајот на декември, обвинение што Киев го негира. Министерството не ја прецизираше точната цел на ракетата „Орешник“, но кратко пред полноќ (22:00 часот по Гринич) на социјалните мрежи кружеа видеа на кои се гледаат повеќе експлозии на периферијата на западниот град Лвов.
Претседателот Володимир Зеленски и украинските власти потврдија дека балистичка ракета погодила инфраструктура во Лавов, на околу 60 километри од границата со Полска.
„Орешник“ е хиперсонична балистичка ракета со среден дострел, способна да достигне до 5.500 километри.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха изјави дека „таков напад толку блиску до границата на ЕУ и НАТО претставува сериозна закана за безбедноста на европскиот континент и е тест за трансатлантската заедница“.
Тој додаде дека нападот бил извршен „како одговор на сопствените халуцинации на Путин“, осврнувајќи се на тврдењата за напад со беспилотни летала врз резиденцијата на рускиот претседател.
Европската Унија веднаш изрази сериозни сомнежи за тоа дали наводниот напад врз Путин всушност се случил, додека минатата недела Доналд Трамп изјави дека не верува оти се случил таков напад.
Зеленски рече дека, покрај ракетата Орешник, Русија лансирала уште 13 балистички ракети кои погодиле енергетски објекти и цивилна инфраструктура, како и 22 крстосувачки ракети и 242 дронови. Едно од нив оштетило и зграда на катарската амбасада.
Тој ја обвини Русија дека ги напаѓа нормалните животи на обичните луѓе, особено за време на студениот период, и нагласи дека властите прават сè што е можно за да го вратат греењето и електричната енергија.