Рускиот претседател Владимир Путин во саботата прогласи Велигденски прекин на огнот во војната во Украина, почнувајќи од вечерва до недела на полноќ.
„Денеска до недела на полноќ, руската страна прогласува велигденски прекин на огнот“, рече Путин во телевизиски коментар додека разговараше со началникот на Генералштабот на руската војска, Валери Герасимов. „Наредувам да се прекинат сите воени акции за овој период.
Путин додаде дека очекува и украинската страна да го стори истото.
„Во исто време, нашите војници мора да бидат подготвени да одговорат во случај на евентуално прекршување на примирјето и провокации од непријателите“, додаде тој.
Освен што објави 30-часовен Велигденски прекин на огнот, рускиот претседател Владимир Путин ја обвини и Украина дека не ги почитува условите од договорот за прекин на огнот за енергетската инфраструктура, јавува Би-Би-Си.
„Знаеме дека режимот во Киев повеќе од 100 пати го прекршил договорот да не се напаѓа енергетската инфраструктура“, рече Путин.
Двете страни се согласија на крајот на март да ги запрат нападите врз критичната енергетска инфраструктура за период од 30 дена. И Русија и Украина во многу наврати меѓусебно се обвинуваат за игнорирање на договорот.
Зеленски рече дека Русија не ги запира нападите и покрај „велигденскиот прекин на огнот“
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија продолжува со воените напади во Украина и покрај тоа што прогласи „велигденски прекин на огнот“.
„Додека зборуваме, според извештаите од Генералштабот, руските офанзивни воени операции продолжуваат во неколку сектори на фронтот и руската артилерија не запре“, напиша тој во саботата доцна навечер во „Х“. „Затоа, не треба да се верува на зборовите што доаѓаат од Москва.
Тој повтори дека Русија го одбила американскиот предлог за 30-дневен генерален прекин на огнот минатиот месец.
Зеленски додаде дека доколку Москва прифати безусловен прекин на огнот, Украина ќе предложи негово продолжување по 20 април.
Украина за прекин на огнот: На Путин не може да му се верува
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха рече дека Киев останува посветен на 30-дневниот прекин на огнот. Во написот во Х, тој ги повика државите да останат будни и да гарантираат дека руските сили ќе го задржат примирјето.
„Путин веќе даде изјави за неговата наводна подготвеност за прекин на огнот. 30 часа наместо 30 дена. За жал, имаме долга историја на неговите изјави кои не се совпаѓаат со неговите постапки. Знаеме дека на неговите зборови не може да им се верува и очекуваме дела, а не зборови“, напиша тој.
Тој додаде дека Русија од март на маса има предлог за целосен и безусловен 30-дневен прекин на огнот.
„Сакаме руските сили да престанат да пукаат во сите правци. Ги повикуваме и сите наши партнери и меѓународната заедница да бидат внимателни. Само постапките, а не зборовите ја кажуваат вистината: Оваа војна започна и продолжува само поради Русија“, продолжи Сибиха.