По неколкучасовни дискусии во Рим, претставниците на САД и Иран се договорија следната недела да одржат уште една рунда разговори за ограничување на нуклеарната програма на Исламската Република. Двете страни вклучени во разговорите го потврдија продолжувањето на процесот, додека саботните дискусии се оценети како конструктивни.
По четири часа преговори во Рим, делегатите од САД и Иран се договорија во саботата да одржат уште една рунда разговори за нуклеарната програма на Техеран следната недела.
За ова прашање, иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи и пратеникот на претседателот Доналд Трамп за Блискиот исток, Стив Виткоф, преговараа индиректно, преку официјален претставник од Оман.
А по завршувањето на разговорите, Арагчи најави дека следната рунда ќе се одржи во среда следната недела.
„Денеска имавме четиричасовни преговори. Беше добар состанок, како и претходниот. Можам да кажам дека преговорите се движат напред. Овојпат успеавме подобро да разбереме некои принципи и цели. На крајот се договоривме разговорите да продолжат и да влеземе во следната фаза каде ќе почнат стручните состаноци. Почнувајќи од оваа среда, техничките состаноци на експертско ниво ќе започнат во Оман“, најави Арагчи.
По овие состаноци на експертско ниво, највисокото ниво ќе се состане следната сабота за да ја разгледаат нивната работа, најави Арагчи.
Американски функционер, кој сакаше да остане анонимен, исто така го потврди продолжувањето на разговорите, но не откри други детали за разговорите зад затворени врати.
Италијанскиот министер за надворешни работи Анонио Тајани пред средбата напиша на социјалната мрежа Х дека го охрабрил иранскиот министер Арашки да го следи патот на преговорите против нуклеарното оружје. Тој рече дека Владата во Рим ја поддржува опцијата за изнаоѓање заедничко решение за ова прашање.
Официјален Техеран најави дека очекувањата за брз договор не треба да бидат големи. Највисокиот ирански авторитет, врховниот водач, ајатолахот Али Хамнеи, оваа недела рече дека не е ниту преголем оптимист ниту песимист во врска со овие преговори.
Од друга страна, американскиот претседател Доналд Трамп постојано нагласуваше дека сака Иран да престане да развива нуклеарно оружје и предупреди дека доколку не го стори тоа, ќе преземе воена акција.
САД и другите западни земји долго време го обвинуваат Иран дека се обидува да изгради нуклеарно оружје. Техеран постојано ги негираше овие обвинувања, инсистирајќи дека неговите напори се за цивилни цели, како што е производството на електрична енергија.
По враќањето во Белата куќа во јануари, претседателот Доналд Трамп, кој се повлече од нуклеарниот договор од 2015 година, ја продолжи својата кампања за „максимален притисок“ за санкции против Иран. Минатиот месец тој испрати писмо до врховниот лидер на Иран во кое повикува на продолжување на разговорите, истовремено предупредувајќи на воена акција доколку дипломатијата не успее.