KOHA.net

СВЕТОТ

Израел може да го врати Либан во камено доба, предупредува израелскиот министер

Јоав Галант

Јоав Галант

Фото: Асошиетед прес

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант предупреди дека израелската војска е способна да го врати Либан „во камено доба“ доколку дојде до војна со милитантите на Хезболах.

Галант додаде дека и покрај тоа, неговата влада претпочита дипломатско решение на границата меѓу Израел и Либан, пишува „Гардијан“.

Зборувајќи со новинарите по враќањето од посетата на Вашингтон, Галант исто така рече дека разговарал со високи американски претставници за неговите предлози за повоено управување со Газа, кое ќе ги вклучи локалните Палестинци, регионалните партнери и САД, но дека тој ќе биде „ долг и сложен процес“.

Врвните соработници на американскиот претседател Џо Бајден му рекле на Галант дека Вашингтон ќе продолжи со пауза во испораката на тешки бомби во Израел, изјави висок американски функционер за новинската агенција Ројтерс. 

Израелските сили нападнаа неколку области низ Газа во средата, а жителите пријавија тешки борби во текот на ноќта во Рафах. Жителите изјавија дека борбите се интензивирале во населбата Тел Ал-Султан западно од Рафах, каде што тенковите исто така се обидувале да се упатат кон север поради тешки судири. 

Вооружените крила на Хамас и Исламски џихад соопштија дека борците ги нападнале израелските сили со противтенковски ракети и минофрлачки бомби.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во средата ги обвини западните сили дека ги поддржуваат, како што рече, израелските планови за напад на Либан и „ширење на војната“ низ регионот. 

„Израел сега му се обраќа на Либан и гледаме дека западните сили зад сцената го поддржуваат Израел“, изјави Ердоган за време на говорот во Собранието.