Вториот круг преговори меѓу САД и Иран за нуклеарната програма на Техеран заврши во саботата по неколкучасовни разговори, потврдија американските и иранските власти.
Засега нема изјава за тоа како течеле разговорите одржани во амбасадата на Оман во Рим. Возилото со американскиот специјален пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, го напушти комплексот на амбасадата, додека иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи беше виден како заминува неколку минути подоцна.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, веднаш по преговорите изјави за државната телевизија дека Иран „сериозно ќе го продолжи патот на разговорите“ за да гарантира укинување на економските санкции, пренесува агенцијата АП.
„Иран ќе продолжи се додека разговорите се водат на конструктивен и наменски начин“, додаде тој.
Иранските власти ги опишаа разговорите како индиректни, како првичните одржани минатиот викенд во Мускат, Оман.
Трамп се повлече од нуклеарниот договор од 2015 година меѓу Иран и шесте светски сили за време на неговиот прв мандат во 2018 година и повторно воведе строги санкции кон Техеран. Тој ја оживеа кампањата за „максимален притисок“ врз Иран откако се врати на функцијата во јануари.