Портпаролот на палестинската милитантна група Хамас Тахер Ал-Ноно во средата изјави дека Хамас е подготвен да ги ослободи сите преостанати заложници во текот на втората фаза од прекинот на огнот. пренесува LeMonde.
Ал Ноно не прецизираше колку заложници се држат во Појасот Газа. За време на нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, беа киднапирани 251 лице. 70 заложници, од кои 35 се верува дека се мртви, се држат во Појасот Газа според израелски воени извори.
Според првата фаза од прекинот на огнот, кој требаше да заврши на 2 март, 19 израелски заложници се ослободени во замена за 1,100 палестински затвореници кои се држат во Израел.
Условите на втората фаза од прекинот на огнот, чија цел е да се стави крај на војната и да се ослободат сите заложници, се очекува да бидат дефинирани на 2 март. Ако се оди според планот, третата и последна фаза истовремено ќе се фокусира на обнова на Газа.
Од друга страна, израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар во вторникот изјави дека Израел оваа недела ќе започне индиректни преговори со Хамас за втората фаза од прекинот на огнот, барајќи и целосна демилитаризација на енклавата.