Германија планира да го реши својот недостиг од квалификувана работна сила со масовно ангажирање работници од Индија, објави оваа недела во Берлин германскиот министер за труд Хубертус Хајл.
За ова, додаде тој, државата ќе преземе над 30 мерки за отстранување на бирократските пречки поврзани со доделувањето дозволи на работниците од Индија.
Хејл предупреди дека Германија се соочува со сериозен недостиг на работна сила и овие пречки го попречуваат растот и напредокот на земјата. Министерот стравува дека ситуацијата ќе се влоши бидејќи Германија се соочува со стареење на општеството, пренесува германската новинска агенција dpa.
„Во Индија ситуацијата е токму спротивна“, рече тој и објасни дека тамошниот пазар на труд тешко ги вработува сите луѓе со високо образование. Според него, на пазарот на труд во Индија месечно се приклучуваат 1 милион луѓе, поради што индиските власти ја поттикнуваат миграцијата.
„Во оваа перспектива, Германија ја гледа Индија како особено важен партнер“, изјави министерот.
Како што најави, германското Министерство за надворешни работи до крајот на годинава ќе го дигитализира издавањето визи за Индија, а нешто подоцна и за другите земји. Со ова сакаат да го забрзаат вработувањето на странци во Германија.
Планираат и поширока промоција на германскиот јазик, а воедно и подобра помош за индијанците кои веќе се во Германија да најдат работа.
Според министерот, Германија ќе ја претстави индиската стратегија за вработување при посетата на германските претставници на Индија следната недела.