Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е „најголемата закана“ за безбедноста на Блискиот Исток, според објавата на турското претседателство на социјалните мрежи.
„Нетанјаху уште еднаш покажа дека е најголема закана за безбедноста на регионот“, му рекол Ердоган во телефонски разговор на емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад Ал-Тани, соопшти претседателството во објава на X.
„Истакнувајќи дека одржува интензивни дипломатски контакти во врска со судирите предизвикани од нападите на Израел врз Иран, претседателот Ердоган рече дека ќе продолжи со своите напори за ставање крај на спиралата на насилство“, се вели понатаму во објавата.
„Нагласувајќи дека не може да се дозволи нападите на Израел да ја засенат хуманитарната криза и геноцидот во Газа, претседателот Ердоган предупреди да не се дозволи инцидентите да се прелеат во Сирија“, продолжува објавата.
Откако започна израелската војна во Газа, Ердоган е еден од најострите и најгласните критичари на Израел, редовно нарекувајќи го терористичка држава и споредувајќи го Нетанјаху со Хитлер.
