Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, во четврток во Москва ќе се сретне со неговиот руски колега Сергеј Лавров, соопштија во среда од кабинетот на српскиот министер.
Како што се наведува во соопштението, Дачиќи ќе отпатува во руската престолнина на покана на Лавров за да го проследи пријателскиот фудбалски натпревар меѓу репрезентациите на Србија и Русија.
Средбата на двајцата шефови на дипломатии ја најави претходно портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, пренесува руската новинска агенција Интерфакс.
Србија ќе стане првата европска репрезентација што ќе одигра фудбалски натпревар во Русија откако Москва ја започна инвазијата на Украина во февруари 2022 година.
Пријателскиот натпревар меѓу репрезентациите на Русија и Србија во Москва е предвиден да се одигра на 21 март.
исто така
ЦРТИР за средбата Дачиќ-Лавров: Не му нудите на Путин платформа за поттикнување агресија
Руската фудбалска федерација го опиша овој натпревар како „братски дуел“.
Два дена по натпреварот меѓу репрезентациите, на 23 март, фудбалскиот шампион на Србија, Червена Звезда и шампионот на Русија, Зенит Санкт Петербург ќе одиграат пријателски натпревар во Белград.
Додека другите европски репрезентации, како Англија или Полска, ја игнорираат руската репрезентација, српската репрезентација ја следи државната политика.
Официјален Белград одби да стане дел од санкциите на Европската унија – иако има намера да се приклучи – откако блокот почна да ја санкционира Русија пред две години поради нејзината инвазија на Украина.
Властите во Србија во овој период никогаш не ги прекинале контактите со Кремљ.
исто така
Дачиќ: Одржувањето односи со Русија и Кина е од витално значење за Србија
Официјален Белград смета на поддршката од Русија во меѓународните организации и институции за непризнавање на Косово како независна држава.
Србија не ја признава независноста на Косово - официјално објавена од Приштина во 2008 година - но од 2011 година води дијалог со него, под посредство на Европската унија, за нормализација на соседните односи. /REL