Водачот на една од најголемите банди за трговија со дрога во Еквадор е фатен во операција во која учествувала шпанската полиција, објави во недела претседателот на Еквадор, Даниел Нобоа, објави Би-Би-Си.
Вилмер „Пипо“ Чаварија, лидерот на Лос Лобос, беше уапсен во градот Малага, според шпанската полиција.
Нобоа рече дека Чаварија ја лажирал својата смрт, го променил идентитетот и се криел во Европа, додека продолжувал да ги контролира криминалните операции во Еквадор, вклучително и нарачувањето убиства.
Неговото семејство тврдеше во 2021 година дека починал од срцев удар поради Ковид.
И Еквадор и САД ги прогласија „Лос Лобос“ (Волците) за терористичка организација.
Во објава на X, министерот за внатрешни работи на Еквадор, Џон Рајмберг, кој рече дека е во Шпанија со полицијата, го нарече апсењето на Чаварија „историски ден“ за неговата земја.
Се проценува дека Лос Лобос има 8,000 членови и е една од најмоќните криминални организации во Еквадор.
Во јуни 2024 година, Министерството за финансии на САД ја санкционираше бандата и ја опиша како група со „илјадници членови“ што значително придонела за зголемување на насилството во Еквадор.
Насилството и убиствата нагло се зголемија во земјата во последниве години, бидејќи таа стана главен центар за трговија со кокаин, а соперничките банди се натпреваруваат за контрола. Еквадор не ја произведува дрогата, но се наоѓа во близина на големите земји производители на дрога, како што се Перу и Колумбија.
Многу членови на Лос Лобос се во затвор, а се смета дека бандата ги предизвикала некои од најкрвавите затворски немири во Еквадор.
Се смета дека бандата има врски со моќниот картел „Нова генерација Халиско“ во Мексико.