Секретарот за финансии во Соединетите Американски Држави, Скот Бесент, изјави дека падот на берзата има повеќе врска со лансирањето на вештачката интелигенција DeepSeek од Кина, отколку со политиката на американскиот претседател Доналд Трамп.
„За сите оние кои мислат дека падовите на пазарот се засноваат на економските политики на претседателот, можам да ви кажам дека овој пад на пазарот започна со објавувањето на кинеската вештачка интелигенција DeepSeek“, изјави Бесент во интервјуто со конзервативниот коментатор Такер Карлсон.
„Кога би анализирал, и ова е единствениот пат кога ќе зборувам за ова... што се случува со пазарот, би рекол дека тоа е повеќе проблем на Mag 7, а не на MAGA“, рече Бесент, кој раководеше со инвестициски фонд додека Трамп не го именуваше за секретар за финансии.
„Mag7“ се однесува на акциите на таканаречените „Magnificent 7“ - седумте акции со најдобри перформанси во технологијата што помогнаа да се поттикне берзата пред падот во изминатите неколку дена. МАГА се однесува на политичкиот слоган на Трамп „Направи ја Америка повторно голема“.
Бесент е последниот службеник на администрацијата на Трамп кој го минимизира падот на пазарите, кој се интензивираше по објавувањето на Трамп во средата за увозен данок од 10 отсто и многу повисоки царини за производи од многу земји. Секретарот за трговија Хауард Лутник, исто така, го минимизираше падот.
Самиот Трамп во петокот повторно објави објава на социјалните мрежи со натпис „Трамп намерно го води пазарот во криза“ и со слики од претседателот што покажува на црвената стрелка надолу и потпишува извршни наредби во Белата куќа.
Во исто време, Бресен му рече и на Карслон дека администрацијата одржува политика на „силниот долар“ и ги негираше сомнежите од некои аналитичари дека тарифите имале за цел да го ослабат доларот и да ги направат американските производи поконкурентни на глобалните пазари.
„Никој не треба да ги слуша оние на пазарите кои зборуваат за американскиот долар, освен за претседателот Трамп или јас. Ние сме единствените кои зборуваме за оваа администрација, американската влада за политиката на доларот“, рече Бесент.
„Имаме силна политика на доларот и ги ставаме на сила сите потребни состојки за да се осигураме дека доларот е силен на долг рок“, додаде тој.
Доларот изгуби речиси 6% од својата вредност во однос на валутите на главните трговски партнери по инаугурацијата на Трамп на 20 јануари.