Добитникот на Нобеловата награда за мир Мухамед Јунус ќе ја предводи привремената влада на Бангладеш, соопштија од кабинетот на претседателот, пренесува „Би-Би-Си“.
Одлуката е донесена на средба меѓу претседателот Мохамед Шахабудин, воените лидери и лидерите на групата Студенти против дискриминација, соопшти Претседателството на Бангладеш.
Оваа одлука доаѓа еден ден откако премиерот Шеик Хасина беше принуден да поднесе оставка и ја напушти земјата по крвавите протести.
Протестите беа предводени од студенти, а тие прераснаа во насилство и стотици луѓе беа убиени.
Студентските лидери јасно ставија до знаење дека нема да прифатат влада предводена од војската и побараа Јунус да ја води привремената администрација.
Јунус, кој ја доби Нобеловата награда за мир во 2006 година, рече: „Кога студентите кои толку многу жртвуваат ме прашуваат за ова, тогаш како можам да одбијам?“
Тој од Париз се враќа во Дака, каде му беше извршена мала операција, изјави неговиот портпарол.
„Претседателот побара од луѓето да помогнат да се излезе од кризата. Неопходно е брзо формирање на привремена влада за надминување на кризата“, соопшти Претседателството.
Според локалните медиуми, повеќе од 100 луѓе загинале во насилните судири во Бангладеш во понеделникот, најсмртоносниот ден од почетокот на масовните протести.
Изгореа и стотици полициски станици, додека Здружението на полициските служби во Бангладеш најави штрајк „додека секој припадник на полицијата не биде безбеден“.
Групата се обиде да ги обвини властите, велејќи дека „биле принудени да пукаат“.
Се верува дека вкупно повеќе од 400 луѓе ги загубиле животите, додека демонстрантите се соочиле со тешка репресија од владините сили.
Началникот на полицијата на Бангладеш беше сменет во средата, соопшти Претседателството.
Протестите започнаа на почетокот на јули со мирно барање на студентите да се отстрани квотата за работни места во државните служби, но прерасна во антивладино движење.