Илјадници антитуристички активисти протестираа во неделата во шпанската Палма де Мајорка, во најновите демонстрации против индустријата од витално значење за пиринејската нација.
Носејќи импровизирани модели на авиони и бродови за крстарење, демонстрантите маршираа низ улиците на главниот град на Мајорка со постери на кои пишуваше „нема масовен туризам“ и „забрани приватни авиони“, пишува Ројтерс.
Антитуристичките активисти одржаа серија протести оваа година во Барселона и други популарни дестинации за одмор како Палма де Мајорка, Малага и Канарските Острови, велејќи дека посетителите ги зголемуваат трошоците за сместување и ги прават жителите да не можат да си дозволат да живеат во центрите на градовите.
Околу 10,000 демонстранти учествуваа на демонстрациите на Мајорка во неделата, соопшти полицијата.
Некои туристи го поддржаа маршот, додека други се чувствуваа очајно.
Пере Џоан Феменија, од „Menys Turisme, Mas Vida“ (Помалку туризам, повеќе живот) која го организираше неделниот протест во Мајорка, изјави за Ројтерс дека демонстрантите сакале помалку туристи на островот.
„Масовниот туризам им го отежнува животот на локалните жители кои не можат да си дозволат да живеат на нивниот остров, бидејќи цените на туристичките апартмани се зголемуваат. Туристите ги полнат плажите и ги оптоваруваат јавните услуги во текот на летото“, рече таа.
„Сакаме да го намалиме масовниот туризам и да ги спречиме нерезидентите да купуваат куќи кои се користат само неколку месеци годишно“, додаде таа.
По Каталонија, Балеарските острови беа вториот најпопуларен регион во Шпанија за туристи минатата година, привлекувајќи 14.4 милиони туристи, објави шпанскиот Национален институт за статистика.
Туризмот генерира 45% од бруто домашниот производ на Балеарските Острови, според податоците на Exceltur, индустриска организација.
Во првиот квартал од оваа година Шпанија ја посетиле 16.1 милиони луѓе, што е зголемување за 18% во споредба со истиот период минатата година.
Посетителите лани во Шпанија потрошиле 109 милијарди евра, наспроти 63.5 милијарди евра потрошени во Франција.