Десетици граѓани и денеска продолжија да протестираат пред стопанството „Трепча“ во Митровица, во знак на незадоволство од најновиот процес на вработување во оваа компанија, иако конкурсот е веќе делумно откажан.
Демонстрантите, повикувајќи се на нови факти за неправилностите при последниот процес на прием на нови работници, побараа целосно, а не делумно откажување на овој конкурс.
Арсим Муса, од организацискиот совет што протестира, за КосоваПрес информира дека не е доволно само делумно да се коригира конкурсот, велејќи дека тој треба целосно да се откаже, како и да се разрешат управниот одбор и раководството на компанијата.
Според него, примени кандидати на овој конкурс биле типични семејни и политички случаи. Спомна имиња на високи функционери, за кои рече дека ги вработиле членовите на нивните семејства.
„Упорно баравме и повторно бараме овој конкурс да се откаже целосно, а не делумно. Овој конкурс треба целосно да се укине, овој одбор да биде разрешен заедно со раководството, па се до нарачателите кои ја направија оваа типична семејна и политичка селекција. [...] Имаме докази дека луѓе блиски до управниот одбор два пати биле вработени со договори. На 23 септември е издаден договорот, на 24 отворен конкурсот, на 13 ноември на тестот освоил 84 поени и се вработил во дирекцијата на „Трепча“ во Приштина. [...] Има членови од семејството, на пример Ферат Шала, вработил двајца, секретарот Африм Хаџиу ја вработил ќерката на тетка му, директорот на управниот одбор, Ардијан Сила, ја вработил ќерката на тетка му“, изјави Муса за КосоваПрес.
Тој предупреди дека протестите ќе продолжат и во наредните денови, до целосно исполнување на нивните барања.
Протестот кој траеше еден час се одвиваше мирно, додека многу мал број припадници на полицијата во споредба со минатите протести будно ја набљудуваа ситуацијата.
Раководството на Трепча пред два дена делумно го откажа конкурсот, поточно 38 позиции од вкупно 220 што беа на овој конкурс, по континуираните протести на незадоволните кои не беа примени во оваа компанија поради неправилности.