Престижниот „Гардијан“ во понеделникот објави текст за судењето на поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово во Хаг.
Во овој напис се вели дека судскиот процес против поранешниот претседател Хашим Тачи и други ќе ја препише историјата на војната.
Во текстот што го објави британскиот медиум, Тачи е оценет како најистакнат политичар на Косово.
Ја прикажува хронологијата на судењето на четворицата од нивното апсење пред повеќе од две години, под сомнение дека извршиле воени злосторства.
Понатаму се вели дека ова судење се очекува да трае до шест години.
„Судењето, кое започна две години откако мажите се предадоа на јурисдикцијата на судот и се очекува да трае до шест години, сега изгледа сигурно дека ќе ја преработи историјата на конфликтот“, се вели во написот.
„Гардијан“ го спомена и извештајот на Дик Марти објавен во 2010 година, во кој се наведуваат сериозни прекршувања на човековите права, вклучително и трговија со органи од страна на ОВК, но се вели дека случајот продолжил на суд со бавно темпо, додека наводите за убивањето на жртвите и вадењето на нивните органи исчезнало од постапката.
На 3 април започна судскиот процес против поранешните водачи на ОВК, Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи.