Во пресрет на истекот на мораториумот воспоставен пред една година, САД ги охрабрија страните да ја разгледаат можноста за негово продолжување. Како причина се споменува важноста од финализирање на бриселскиот дијалог со сеопфатен договор. Од Владата на Косово не посочија дали ќе се разгледа овој предлог на Американците
Американскиот Стејт департмент ги охрабри Косово и Србија да продолжат со мораториумот за прашањата за признавање и апликациите во меѓународните организации поради евентуални компликации во процесот на дијалог. Ова го изјавија претставници на американскиот департмент на KOJAH, во пресрет на една година од Вашингтонскиот договор.
„За да го поддржиме успехот на дијалогот и другите напори, ги охрабруваме двете страни да ги задржат своите мораториуми за прашањата за признавање кои го комплицираат напредокот во техничките области. Продолжуваме да работиме со Косово и Србија за спроведување на нивните обврски за поддршка на целта за сеопфатна нормализација на односите. Соединетите Држави се подготвени да ја поддржат работата кон сеопфатен и обврзувачки договор за нормализација меѓу Косово и Србија, фокусиран на взаемно признавање, што ги поставува темелите за трајна соработка и просперитет“, се вели во одговорот.
САД понудија поддршка за дијалогот олеснет од Европската унија, повикувајќи ги Косово и Србија повторно да се вклучат во овој процес. Исто така, беше побарано да се почитуваат со добра волја преземените обврски во Вашингтон минатата година.
Од МНР не посочија дали ќе се разгледа оваа сугестија на Американците. Но, ден претходно рекоа дека ги следат случувањата околу организациите за да го подготват процесот за членство во некоја од нив.
Во меѓувреме, премиерот Курти во интервју за „European Western Balkans“ напомена дека во Вашингтон има два различни текста и две еднострани обврски од Косово и Србија. Според него, некои точки се проблематични за Уставот на Косово.
„Начелно не сакаме да негираме, но во исто време треба да бидеме внимателни, бидејќи има и некои точки кои се проблематични за нашиот Устав што беа потпишани како залог од претходниот премиер. Само да го спомнам фактот дека нема да лобираме и да се заложиме за членство во меѓународни организации. Ова е спротивно на Уставот на Република Косово“, изјави тој.
Договорот од Вашингтон пред една година во Овалната соба го потпишаа поранешниот премиер на Косово Авдула Хоти и српскиот претседател Александер Вучиќ во присуство на поранешниот претседател Доналд Трамп.