Косовскиот центар за безбедносни студии (КЦСС) оцени дека доктрината за национална безбедност на Србија станала инструмент за институционализирање на непријателството кон Косово, а истовремено ја продлабочува стратешката соработка со Русија и Кина.
Според извештајот, во кој се анализира како безбедносната доктрина на Србија гледа на Косово, овој развој на настаните има потенцијал да ги поткопа интересите на ЕУ и НАТО на Западен Балкан.
Во соопштението на КЦСС за извештајот се наведува дека според наодите, зад реториката за „воена неутралност“, Србија систематски всадува антизападен наратив и ја третира државноста на Косово како безбедносно прашање за да го оправда агресивното однесување.
„На хартија, доктрината ја позиционира Србија како држава која балансира меѓу Истокот и Западот. Но, истражувачите на КЦСС нагласуваат дека ова е фасада. Во реалноста, Србија води политика во две правци: селективно ангажирање со Западот за економски и политички придобивки, а во исто време ги продлабочува воените, економските и идеолошките сојузи со авторитарните сили, како што се Кина и Русија.
Меѓу најзагрижувачките елементи на оваа доктрина е прифаќањето на концептот на „тотална одбрана“ од страна на Србија - модел за кој се вели дека го милитаризира општеството и ја замаглува границата меѓу цивилниот и воениот сектор.
„Извештајот предупредува дека овој пристап може да го зголеми ризикот од нестабилност во регионот, особено во контекст кога Србија продолжува да го прикажува Западот – особено НАТО, ЕУ и граѓанското општество – како инструменти за странска интервенција“, се вели во соопштението.
Извештајот бара проактивен одговор од западните актери, но и од самото Косово. Тој ги повикува НАТО и ЕУ да продолжат со покоординиран и конзистентен пристап кон Србија, „вклучувајќи механизми за условување кои ја поврзуваат финансиската и политичката поддршка со исполнувањето на демократските стандарди и усогласувањето на надворешната политика со онаа на ЕУ“.
Исто така, се препорачува Косово да го зајакне својот дипломатски став и да ја подобри координацијата со клучните сојузници, со цел да биде сфатено како нормативен чинител во регионот.
Извештајот е насловен „Како безбедносната доктрина на Србија гледа на Косово, Западот, Русија и Кина? а автор е Рамадан Илази, раководител на истражување во КЦСС.