Претседателката на Косово, Вјоса Османи, на заедничката медиумска конференција во Вилнус со претседателот на Литванија, Гитанас Науседа, повторно ја повтори целта на Косово за што поскоро членство во НАТО, ЕУ и Советот на Европа.
Османи рече дека е апсурдно во рамките на НАТО Партнерството за мир да има анти-НАТО земји како Белорусија и Србија, но Косово не добило покана за членство во Партнерството.
Таа ѝ се заблагодари на Литванија за континуираната поддршка што ја дава на Косово, додека на членството во НАТО треба да се гледа од безбедносен аспект.
„Верувам дека членството во НАТО треба да се гледа од безбедносен аспект. Поради оваа причина, сите слободољубиви земји во Европа, кои сакаат да придонесат за мирот и безбедноста, заслужуваат да бидат во НАТО. И нивните аспирации за членство треба да се поддржат. Сметам дека не само Финска и Шведска, туку и земјите од нашиот регион, како Косово и Босна и Херцеговина, треба да бидат поддржани со забрзан процес за членство. Ова го велам, не само затоа што 93 отсто од граѓаните на Косово се за членство во НАТО, туку и затоа што тоа е наша историска аспирација од 1999 година, кога НАТО ни дојде на помош и го запре геноцидот врз нашиот народ. Денеска се соочуваме со апсурдна ситуација, земјите кои се анти-НАТО, како Белорусија и Србија, се во Партнерството за мир, а Косово се уште нема добиено покана да се приклучи“, рече Османи на конференцијата.
Таа додаде дека Косово ќе работи со земјите-членки и организацијата за да го направи првиот чекор кон членство и дека има намера да ги исполни критериумите за членство што е можно поскоро.
Османи рече дека ја разбира Литванија, бидејќи и Косово е во ситуација да има агресивен сосед.
„За жал, нашиот сосед Србија продолжува да им служи на руските интереси во регионот и е единствената земја која не воведе санкции кон Русија и продолжува да и служи на својата малигна и дестабилизирачка агенда“, рече Османи.
Таа додаде дека Косово подобро од кој било ги разбира страдањата на украинскиот народ, бидејќи такво нешто доживеала под своја кожа.