Во понеделник (14 октомври) ќе се одржи вонредна седница на која ќе се разговара за проблемот со снабдувањето со храна за Косовските безбедносни сили.
Шефот на пратеничката група на Алијансата за иднината на Косово (ААК), Бесник Тахири, објави дека за оваа седница се собрани 43 потписи од пратениците, а предлог-резолуцијата е итно да се реши ова прашање.
„Утре, во 12:00 часот, на барање на Пратеничката група на ААК, поддржана од 43 пратеници потписници, ќе се одржи вонредна седница за проблемот со снабдувањето со храна за војската на Косово. Предлог Резолуцијата е едноставна: „Собранието на Република Косово ја обврзува Владата, Министерството за одбрана, итно да го решат прашањето за снабдување со храна, како и со сета друга потребна опрема“. Собранието утре ќе ја задолжи Владата да го реши ова прашање. За појаснување: оваа нацрт-резолуција пратениците можат да ја дополнат на седницата“, напиша тој на Фејсбук.
Министерот за одбрана, Ејуп Маќедонци, во неделата изјави дека се направени напори за обезбедување на залихи, со цел на најдобар можен начин да се обезбеди услугата за храна за персоналот на КБС.