Министерството за внатрешни работи на Косово преку соопштение за медиумите соопштува дека го подготвува предлог законот за сајбер безбедност.
Соопштено е дека денеска во Министерството за внатрешни работи се одржа состанок на работната група за Државната стратегија за сајбер безбедност и Акционен план 2020-2025 година.
Состанокот го отвори координаторот на Стратегијата, воедно и заменик министер за внатрешни работи, Зафир Бериша, кој истакна дека приоритет на Министерството за внатрешни работи е успешното спроведување на Државната стратегија за сајбер безбедност.
Бериша рече дека е неопходно зголемување на безбедноста во сите јавни институции и дека веќе се направени конкретни планови за зголемување на професионалните и технолошките капацитети.
„Работната група во оваа прилика го постави почетокот на ноември како таргет за реализација на првичниот нацрт со цел да се отвори патот за комплетирање на новата Стратегија. Министерството за внатрешни работи го подготвува предлог-законот за сајбер безбедност, каде целта на овој закон ќе биде да се дефинираат принципите на сајбер безбедноста, превенцијата и борбата против сајбер криминалот во Република Косово“, се наведува во коминикето.