Дознаките од дијаспората во Косово продолжуваат да претставуваат еден од главните извори за финансирање на потрошувачката на семејните економии.
Тие претставуваат ресурси кои обезбедуваат стабилни социјални услови и овие пари главно одат за семејна потрошувачка, а многу малку за деловни инвестиции.
Според податоците на Централната банка на Косово (ЦБК), дознаките од дијаспората за една година изнесуваат над 750 милиони евра, пренесува РТК.
„Примените дознаки на Косово во текот на 2017 година изнесуваат 759.3 милиони евра, додека во 2016 година се испратени 691 милион евра. Во првите два месеци од 2018 година се испратени 108.3 милиони евра“, се наведува во месечниот статистички билтен на ЦБК.
Дознаките од дијаспората, по канали за дознаки, најмногу ги испраќаат агенциите за трансфер на пари, а потоа следат другите канали за дознаки и банките.