На денешниот состанок на Советот за надворешни работи на Европската унија во Брисел, министрите на земјите членки ќе разговараат за ситуацијата во регионот на Западен Балкан.
Ќе им се придружат и министрите за надворешни работи од шесте земји од Западен Балкан.
Според најавите од Европската унија, главни теми кои ќе бидат на дневен ред се процесот на нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, ситуацијата во Босна и Херцеговина, регионалната соработка и влијанието на Русија во регионот на Западен Балкан.
Се очекува Европската унија уште еднаш да ја повтори својата заложба за продолжување на помошта за регионот, но и да побара од овие земји да ги исполнат своите обврски за спроведување на реформите и да се прилагодат на надворешната политика на Европската унија.
Досега сите земји во регионот, освен Србија, ги поддржаа санкциите на Европската унија против Русија. Згора на тоа, во последната година, усогласувањето на Србија со надворешнополитичките ставови на ЕУ се намали уште повеќе.
Загриженост за заканите што се слушаат во Босна и Херцеговина за загрозување на територијалниот интегритет на оваа земја изрази и Европската унија. Ваквите повици и понатаму доаѓаат од лидерот на Србите од Босна и Херцеговина, Милорад Додик.
Што се однесува до дијалогот меѓу Косово и Србија, се очекува и оваа средба да го повтори повикот за напредок во процесот на нормализирање на односите и имплементација на сите обврски кои страните ги презедоа во овој процес.
Следејќи ги упатствата што лидерите на ЕУ и на Западен Балкан ги дадоа од самитите на Бердо во 2021 година и Тирана во 2022 година, Европската унија им помогна на партнерите да ги развијат своите капацитети за соочување со хибридни закани, особено сајбер закани. и со кампањи на манипулација и мешање од надворешни фактори.
ЕУ ги вклучи и земјите од регионот во заедничките планови за спречување терористички акти.
Сите овие ќе бидат и теми за кои министрите на ЕУ и нивните колеги од регионот на Западен Балкан ќе разговараат на нивната заедничка средба. /рел