Украинскиот амбасадор во Србија, Володимир Толкач, изјави дека е тешко да се објасни зошто Украина не ја признава независноста на Косово, иако Приштина „од срце ја поддржува Украина“.
Како што објави во четвртокот „Данас“, амбасадорот изразил дека го поддржува процесот на дијалог меѓу Косово и Србија, иако според него Украина се придржува до принципот на територијален интегритет на Србија.
„Денес се поставува прашањето кој е на чија страна, а на украинските граѓани тешко е да им се објасни зошто Киев официјално не ја поддржува независноста на Косово, додека Приштина насекаде ја поддржува Украина. И покрај сето ова, Украина ги почитува меѓународните норми. Го поддржуваме и дијалогот во Брисел меѓу Белград и Приштина, од кој очекуваме успех“, изјави Толкач.
Според него, досегашната соработка меѓу Украина и Косово е на ниско ниво.
Украинскиот пратеник Олексеј Гончаренко, изјави пред неколку недели дека во Украина се поддржува идејата за признавање на Косово, но според него, официјално не е видена подготвеност.
Косово се усогласи со Украина и против Русија, од почетокот на руската агресија (24 февруари), преку воведување санкции.
Во меѓувреме, Србија е меѓу ретките земји во Европа кои сè уште не вовеле санкции кон Русија.