Соединетите Американски Држави јасно и ставаат до знаење на Владата на Косово дека мора да се врати на соработката со своите меѓународни сојузници, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер на конференција во средата.
Милер повторно ја изрази загриженоста на САД за „континуираните некоординирани“ одлуки на раководството на Косово.
Тој нагласи дека Владата на Косово ги загрозува можностите што државата ги создаде со помош на САД на патот кон интеграцијата.
„Загрижени сме од континуираните некоординирани одлуки на раководството на Косово. Сметаме дека тие ги загрозија можностите што ние му помогнавме на Косово да ги создаде. Ако ги погледнете настаните од независноста на Косово, САД силно ја поддржаа нејзината целосна интеграција во меѓународната заедница како суверена мултиетничка демократија. Но, за да ја реализираме оваа визија, соработувавме со последователни политички лидери на Косово во мерки кои го зајакнаа мирот и просперитетот во земјата додека го унапреди Косово на евроатлантскиот пат. Она што ја охрабруваме Владата на Косово да го направи е враќање на блиската и конструктивна соработка со САД, ЕУ и НАТО. Тоа јасно го кажавме, јасно ѝ кажавме и на Владата приватно“, изјави Милер.
Во понеделник, 5 август, косовската полиција затвори девет објекти на Поштата Србија на север, кои работеле нелегално. Затворени се три објекти во Северна Митровица и Лепосавиќ, два во Звечан и еден во Зубин Поток. САД и ЕУ тоа го нарекоа еднострана и некоординирана акција на косовските власти, додека беше предупредено дека оваа одлука може негативно да се одрази врз отстранувањето на мерките против Косово.